Uncategorized


Donation to the Association of Persons with Physical Disabilities from Bitola, Demir Hisar and Resen MOBILNOST Bitola


На 06.05.2014 година во спортската сала на Заедницата на инвалидски организации во ЦСР Битола се одржа донаторска манифестација на НАТО организирана преку Военото претставништво на Постојаната мисија на Република Македонија при НАТО грант (проект) од „NATO Charity Bazaar“, со поддршка од „ГАУС Институт“ – Фондација за нови технологии, иновации и трансфер на знаење од Битола. Донацијата содржи повеќе елементи и тоа: две справи со повеќенаменски вежби со тегови, статичен велосипед, две вреќи за тренинг за боксирање, три топки за вежбање, три кошаркарски, две фудбалски и две одбојкарски топки, тегови за кревање, а во набавка е и електронската компјутерска мета и други поситни работи кои се очекува да пристигнат наскоро.
Пред почетокот на манифестацијата, претседателот на „Мобилност Битола“ – прим. д-р Нико Јанков даде изјава за медиумите нагласувајќи ја важноста на ваквите проекти. Во присуство на Воениот претставник на РМ при НАТО, Генералот Бранко Драгалски и два офицери од Армијата на РМ, изјава даде и сопругата на генералот, г-ѓа Виолета Драгалска, која најактивно учествуваше во добивањето на самата донација. Таа изјави дека апликацијата на „ГАУС Институт“ како стратешки партнер на „Мобилност Битола“ била прифатена и влегла во конкуренција со тринаесет грантови за минатата година, колку што се доделувале на меѓународни инвалидски и други невладини организации. Таа искажа подготвеност за секаква идна соработка и лобирање сè додека можат да помагаат на овој начин.
Проф. д-р Игор Неделковски, како активен чинител и практично креатор на апликацијата и лобирањето во Брисел, како и секогаш искажа максимална поддршка за „Мобилност Битола“ со поддржувачите во НАТО преку членовите на Военото претставништво во постојаната мисија на РМ при НАТО. Потоа, директорот на „ГАУС Институт“, м-р Александра Лозановска официјално ја предаде спортската опрема во владение на нашето здружение. Целиот настан беше документиран од страна на медиумите, меѓу кои и битолските телевизии „Тера“ и „Орбис“, како и со камерите на дел од присутните.
Нашите членови имаа можност веднаш да ги пробаат новите елементи со што практично започна нивната употреба. Со пополнувањето на бројот на сите донирани спортски реквизити ќе се заокружи постапката на примопредавањето и ќе се направи записник кој со сите други материјали ќе биде испратен во Брисел. На овој начин „Мобилност Битола“, преку својот стратешки партнер „ГАУС Институт“, се етаблира во просторот на Европската Унија, собра искуства за работа на проекти кои и те како се пожелни во овој период. Се надеваме дека ваквиот тип на соработка ќе отвори позитивни трендови и нагорна линија во остварувањето на програмските и статутарни цели на „Мобилност Битола“ и „Мобилност Македонија“. Нови активности следат наскоро.


Source